Македонија

Кој и зошто го заборави законот за ЈО? Министерството за правда: Немаме сигнал за промена на ставовите

Веќе два месеца нема обиди за договор или донесување на законот за ЈО.

Нема веќе средби на работните групи на релација Влада – ВМРО-ДПМНЕ, ниту лидерски средби Заев – Мицкоски.

Последниот обид за наоѓање заеднички јазик беше во септември, кога Премиерот изјави дека страните ќе продолжат со предлози во писмена форма.

Носењето на законот за ЈО постојано го спомнуваше францускиот амбасадор во Скопје, Кристијан Тимоние, од државата од која Северна Македонија доби црвен картон во Европскиот Совет со што беше загубена уште една шанса за добивање датум за преговори. Нашите функционери знаат која е потребата од носењето на овој закон.

Пред една недела, министерот за надворешни работи, Никола Димитров рече дека потреби се напори да се отстрани и последното оправдување за недобивањето датум за преговори, а тоа е законот за ЈО.

Но зошто е заборавен законот за ЈО? Од кабинетот на Министерството за правда велат дека средби нема бидејќи страните не ги смениле своите ставови.

“Носењето на ЗЈО е предвидено со Стратегијата за реформи во правосудството и од таа причина законот треба да биде донесен. Нема сигнали за промена на ставовите и од таа причина нема нови средби”, велат од Министерството за правда.

Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски за ТВ21 рече дека со жалење констатира дека министерката за правда, Дескоска не се покажала добра во менаџирањето на овој процес заради непостигнувањето поширок консензус за законот. Тој потсетува на противењето на владината коалиција предлог законот на опозицијата подготвен во месец март да се испрати во Венецијанската комисија.

„Но, министерката Дескоска го одби ваквиот предлог со тврдење дека мислењето ќе стигне дури во септември, а тоа ќе било прекасно. Сега гледаме дека поминаа и септември, и октомври, ќе помине и ноември, а ситуацијата е статус кво. Засега не сме добиле покана за дополнителни разговори од министерството за правда, но доколку добиеме ќе учествуваме.“, изјави Милошоски.

Преговорите меѓу власта и опозициската ВМРО-ДПМНЕ за законот за обвинителство траат речиси една година без никаков доближување на ставовите. На почеток на годината власта и опозицијата излегоа со свои предлози за законско решение, но повторно не се договорија. Потоа, власта подготви нов текст, но повторно истиот наиде на противење од опозицијата. Како најпроблематични членови останаа тие кои се однесуваат на судбината на СЈО, иако истото веќе е “мртва“ институција, чии предмети го презема Обвинителството за тежок криминал а обвинителите се распоредени во матичните обвинителства, меѓутоа се бара законско решение за нив.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни