Иако до изборите има уште 5 месеци, партиите почнаа да го испитуваат пулсот за заеднички настап во предизборни коалиции. Веќе започнаа шпекулации дека на овие избори владејачката СДСМ ќе има предизборна коалиција со Алтернатива на Африм Гаши, а според неофицијалните информации дознаваме дека Алтернатива ќе бара 4 сигурни пратенички места. За ваквите шпекулации сакавме да го прашаме премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, но тој рече дека денеска нема да дава изјави. Од Алтернатива велат дека засега единствено преговори имаат со Алијанса за Албанците.
СКЕНДЕР РЕЏЕПИ – ЗЕЈДИ- АЛТЕРНАТИВА 1:09 – 2:20
„Јавно се знае дека ние преговараме со АА и би било некоректно да се одвиваат разговори паралелно со некој друг субјект додека не завршат разговорите со Алијанса. Во овие моменти сите разговори, освен со Алијанса, вклучувајќи ја и СДСМ би биле штетни бидејќи сметаме дека постои подготвеност од двете страни за успешна коалиција со Алијанса. Само по завршувањето на овие разговори би отвориле нови разговори со некој друг субјект, во овој случај со СДСМ која е подготвена да коалицира со Алтернатива, дури неофицијално ќе кажам дека се зборува и за конкретен број на пратеници, но засега тоа не е тема на разговор во Алтернатива“, рече Скендер Реџепи-Зејди од Алтернатива.
Дека се водат преговори, потврди и лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села. Тој неодамна јавно ги повика Движењето Беса и Алтернатива за предизборна коалиција со цел да се обединат и да ги поразат ДУИ и ДПА.
„Да имаме контакти. Разговаравме и разговараме и сме во тек на преговори. Кога ќе има резултати ќе ви соопштиме“, вели Села.
Неофицијалните информации говорат и дека на овие избори во коалиција ќе настапат ДУИ и ДПА. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека се во реорганизација на предизборните коалиции. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски на новинарско прашање на една неодамнешна прес конференција одговори и дека е во преговори со дел од партиите на Албанците.