Македонија

Одложени судењата за „Маџар Телеком“ и „ТНТ“

Во Кривичниот суд во Скопје денеска беше одложено рочиштето за случајот „Маџар-Телеком“, поради оправдано отсуство на судијката Ленка Давиткова.

На денешното рочиште требаше да биде сослушан ексразузнавачот Слободан Богоевски.

Случајот против поранешните генерален и финансиски директор на „Македонски телеком“, Атила Сендреи и Ролф Плат, како и други две лица за злоупотреба на службената положба и склучување фиктивни договори за консултантски услуги со кипарски фирми, „Маџар телеком” се наоѓа во доказна постапка и се сослушуваат сведоци предложени од одбраната.

Судењето за предметот „Т.Н.Т“ за уривањето на комплексот „Космос“ на инвеститорот Фијат Цановски се одложи за 25 ноември, поради полициска наредба за спроведување на обвинетиот Миле Јанакиески во ОЈО за гонење на организиран криминал за давање на исказ.

Судот на почетокот информираше дека, во однос на барањето од бранителот на обвинетата Елисавета Најдовска, адвокат Мерџан Даути за увид во списите од предметот на албански јазик, се обратил до Адвокатската комора на Северна Македонија, од каде добил одговор дека според одредбите од Законот за адвокатура, за да може да ја извршува функцијата адвокатот, меѓу другото, треба и активно да го зборува македонскиот јазик.
– По мислење на судот овој случај е класичен пример за одолговлекување на постапката и спречување на правото. Тоа е очигледно со направената промена на бранители. Евидентно е дека Димитар Дангов, Мерџан Даути и Елисавета Најдовска со направената промена имале намера за одложување или застарување на делото, изјави судијата Огнен Ставрев.
Од Адвокатската комора, исто така, го информирале Судот дека ќе отворат дисциплинска постапка против адвокатот Димитар Дангов.
Судијата Ставрев, на почетокот информираше и дека добил поднесок од јавната обвинителка Вилма Рускоска со кое се одбива како неосновано барањето на обвинетиот Тони Трајковски за изземање на обвинителот Рустеми.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од ОЈО Куманово.
Денеска во Судот е закажано рочиште и за случајот „Монструм“.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни