Притисокот од мигрантите расте и затоа треба да останеме будни, истакна во своето излагање Аврамопулос. Тој додаде дека Северна Македонија не побарала финансиска помош од Европската унија за градење кампови за мигранти и бегалци, а доколку има некаква потреба од финансиска поддршка ќе биде обезбедена.
Ефективното гранично управување и борбата против криумчарење на мигранти остануваат наши заеднички приоритети како за Европската унија, така и за земјите од Западен Балкан. Ова го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој во своето обраќање покрај за прашањето на мигрантите говореше и за тероризмот како глобална закана.
Аврамопулос испрати порака до лидерите на земјите членки повторно да го вратат на маса прашањето и да ги започнат преговорите со Северна Македонија. Тој истакна дека доколку унијата не се прошири ќе има контраефект а со приемот на земјите од Западен Балкан ќе има поголема стабилност и мир во регионот, но и на целата Европска унија. Јас сум тука на европска почва во регион кој што припаѓа на Европа историски, политички и културно. Единствена реална и разумна иднина за целиот регион е европската иднина затоа што тие се дел од Европа, порача Аврамопулос.