Советот за општи работи на ЕУ кој се одржува денеска не предвидува никакви конкретни заклучоци. Ќе има само размена на мислења помеѓу земјите членки и обид да се излезе од ќор-сокакот откако Париз ги блокираше преговорите со Северна Македонија и Албанија, со изговор дека е претходно потребна реформа на преговарачкиот процес.
Но, финската министерка за европски прашања, и ЕУ претседавач, Тити Тупураинен, пред почетокот на состанокот изјави дека францускиот предлог воошто нема да биде тема на дебата.
Министрите ќе разговараат за состојбата со проширувањето откако одлуката за почеток на преговорите со Северна Македонија беше блокирана од страна на Франција во октомври. Сепак, нови предлози не може да има сѐ додека не стапи на сила новиот состав на Европската Комисија.
Францускиот државен секретар за Европа, Амели де Моншален, го повтори ставот на Париз за реформа на преговарачкиот процес.
Таа ги отфрли наводите дека францускиот документ доаѓа во лошо време, имајќи предвид дека некои од земјите од регионот се веќе во процес на пристапување.
Документот, односно францускиот нон-пејпер е доставен до сите земји членки па и до Северна Македонија. Македонските власти задоволни од напишаното, велат дека насоките кои ги испраќа Франција влеваат надеж.
Засега не се претцизира новопредложената методологија дали би можела да има негативно влијание врз евроинтегративниот процес, но се додава дека има многу нејаснотии во овој документ, по што и Владата ќе биде вклучена во разгледувањето на нон-пејперот испратен од Франција.