Предлог законот за правата на заедниците кои се под 20 проценти е неквалитетен и не ги решава суштинските проблеми на помалите етнички заедници. Ова беше главната забелешка на голем дел од учесниците на јавната расправа кои бараа решението да се врати на доработка. Боро Ристиќ од Српскиот национален совет рече дека предложениот закон е лош бидејќи во голем дел го опфаќа работењето и начинот на трошењето на средствата на Агенцијата за унапредување на правата на заедниците, а многу малку за суштинските проблеми на припадниците на етничките заедници. Со ваквите констатации се согласува и Кенан Хасипи од Демократската партија на Турците.
За измените на законот на почетокот на расправата говореше директорот на Агенцијата за правата на заедниците Илхан Рахман кој рече дека со нив ќе се исправат досегашните грешки бидејќи се користат компаративните искуства неколку европски, но и од земјите од регионов. Покрај со државните органи предвидена е и зголемена соработка со неколку независни тела.
Прв ваков закон е донесен во 2008 година, но бидејќи сега се предлагаат измени на повеќе од една третина од постојниот закон се изготви нов предлог на закон кој веќе се наоѓа во собраниска фаза.