Една СМС порака ги скара Вилма Рускоска и судиите. Одлуката за куќен притвор на Катица Јанева беше причината поради која обвинителката во случајот „Рекет“ се налути. Својот револт за изглеувањето на екс специјалната обвинителка од притворот во „Шутка“ преку СМС порака го пренела на судијата Јани Нича:
„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како Вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите“, напишала Вилма Рускоска во СМС пораката.
Јани Нича покрај Сафет Кадрии и Зоран Димитриевски се судиите кои вчера донеле одлука во корист на екс-специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, таа од „Шутка“ да замине во куќен притвор. Во Апелациониот суд рано утринава одржаа итен состанок.
„Имавме како кривичен оддел колегиум и од тој колегиум произлезе дека за јавноста треба да се пушти едно соопштение“, изјави Сафет Кадрии.
А, во испратеното соопштене се вели дека однесувањето на Рускоска е недолично и во испратената покана има закани за судиите.
„Ваквото постапување на јавен обвинител претставува преседан во правосудниот систем со кое директно се нарушува угледот на судот. Токму ваквото недолично однесување на јавен обвинител кој раководи со Обвинителството за организиран криминал и корупција, истовремено, претставува директно влијание врз текот на водењето на судските постапки и грубо го нарушува принципот на независноста на судството, како многу важен сегмент на владеењето на правото, а токму тоа може да биде пречка за пристапување на нашата држава во ЕУ, на кое нешто се повикува обвинителката“, велат од Апелацискиот суд.
Реагираа и од Јавното обвинителство од каде велат дека пораката испратена од страна на Рукоска не се никакви закани и мешање во судството, туку израз на моментално разочарување.
„Реакцијата на надлежниот јавен обвинител во предметот треба да се разбере како израз на моментално разочарување, по сознанието за донесената одлука во предмет во кој по опсежна предистражна и истражна постапка и поднесено обвинение, очекува судска разрешница“, велат од Јавното обвинителство.
И натаму останува не јасно по кој основ е донесена одлуката за куќен притвор на Јанева без гаранции, ако се знае дека претходно кога таа нудеше гаранција од три станови беше одбиено нејзиното барање.
Судкиот процес за „Рекет“ ќе започне на 3-ти декември, кога Јанева за прв пат ќе седне во судница но овој пат на клупата за обвинети. Покрај неа, обвинети се и Бојан Јовановски и Зоран Милевски.
Како лице од кое се потребни доолнителни известувања денеска во обвинителството беше повикана и судијата Весна Димишкова избега од медиумите и не даде информации за што беше повикана.