Планирањето зеленило на тераси и покриви не ја решава потребата од вистински зелени површини на тлото, оцени архитектката Билјана Филиповска Тодорчевска во гостувањето на 4ТВ.
Осврнувајќи се на изградбата кај „Холидеј ин“, таа посочи дека дел од најавуваното зеленило било предвидено на самите објекти, наместо како достапен зелен простор.
Според неа, во централното градско подрачје поголема корист би имале поврзани зелени површини и мали паркови за рекреација, отколку поединечни дрвја распоредени по парцели без соодветно одржување.
Таа предупреди дека формалното прикажување зеленило во проектите не гарантира дека тоа ќе опстане и ќе ја исполни својата функција.
Филиповска Тодорчевска го поврза ова прашање со поширокиот проблем на густата изградба, која, според неа, го намалува слободниот простор и го отежнува проветрувањето на градот. Затоа смета дека зеленилото мора да се планира како функционален дел од населбата.