Македонија

Барање за автентично толкување од СДСМ, членот 11 од Законот за помилување пред пратениците

Веднаш по повикот на министерката за правда Рената Дескоска, пратеничката група на СДСМ го поднесе барање за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, на кое се потпишани пратениците Сашко Коцев и Диме Велковски. Костадин Костадинов ги повика сите партии да го поддржат барањето, особено ВМРО-ДПМНЕ со што, како што рече , ќе докажат дека се за правда на која што постојано се повикуваат. Тој воедно го повика и Уставниот суд да се произнесе по чија иницијатива се отвора ова прашање.

„За предметите за кои се води постапка пред Специјалното јавно обвинителство а сега преземени од Јавното обвинителство мора да има правна разрешница. Ги повикувам сите мои колеги пратеници да застанат на страната на правдата и да го поддржат барањето за автентично толкување.

Еве уште еден апел до Уставниот суд во име на транспарентноста и во име на правдата нека се изјаснат кој е тој што ја поднел иницијативата.“, рече Костадин Костадинов.

Откако Уставниот суд се произнесе по членот 11 од Законот за помилување вчера и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев го повика екс лидерот Никола Груевски да се врати во земјата и како што рече да ја одлежи казната. Денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека не знаат дали тој ќе се врати, но топката околу оживувањето на амнестијата ја префрлаат на власта. Велат дека Заев преку Уставниот суд остава простор и тој да биде амнестиран кога ќе има потреба, а дека за поранешниот функционери на ВМРО-ДПМНЕ се врши прогон.

„Единствено со правда, со правични судења, со правично водење на случаите ние ќе можеме да ја докажеме нашата невиност како ВМРО-ДПМНЕ. Наспроти тоа гледаме дека цело време се вршеше политички прогони, цело време гледаме дека се работеа случаи од страна на Специјалното јавно обвинителство кое што на некој начин вршело политичка корист за СДСМ и Зоран Заев.“, вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ДУИ не се изјаснија дали ќе ја поддржат иницијативата на СДСМ за автентично толкување на член 11 од Законот за амнестија.

„Во врска со ова прашање Демократската унија за интеграција ќе консултира домашни и меѓународни непристрасни експерти“, изјави Артан Груби.

Членот 11 од Законот за помилување се однесува на правото на претседателот на државата да дава помилување без одобрение на посебна комисија, но потоа со измени на законот овој член е избришан а додаден е членот 11-а кој дозволува поништување на амнестијата. Во 2016 година тогашниот претседател Ѓорге Иванов даде аболиција на 56 функционери на ВМРО-ДПМНЕ, но по двомесечен протести и притисок на јавноста но и на меѓународната заедница тој ја повлече.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни