Дебатата практично ја отвори Лилјана Поповска како предводник на иницијативата за измени на Изборниот законик која истакна дека доколку нема блокирање со огромен број амандмани, овие измени непречено ќе беа донесени бидејќи мнозинството во Собранието е за промена на моделот. Професорот Светомир Шкариќ пак истакна дека ако овие измени имаат поддршка од 65 пратеници, тој ќе биде и легитимен и легален. Сепак го оспори Донтовиот модел на пресметување со кој се губат гласови.
„Штом имате 65 пратеници како поддршка, законот е веќе донесен. 65 пратеници, кој може вас да ве запре. Веројатно претседателот на Собранието нема да се согласи да го потпише указот но имаме среќа, имаме претседател на Републиката еве го гледам неговиот советник, јас преземам обврска заедно со советникот да го убедиме претседателот да го потпише указот и со еден потпис да оди на објавување.“, рече Шкариќ.
Според Александар Спасов советник на претседателот на државата вели дека изборниот модел треба да се крои согласно карактеристиките на нашата држава и да обезбеди стабилност.
„На што го темелам мојот став дека треба да се намали бројот на изборните единици и евентуално да се воведе само една изборна единица тоа е она за што најмалку се зборува во нашата држава а тоа се демографските промени. Ние имаме и внатрешни и надворешни миграции кои што силно ја сменија структурата на населението во бројноста на населението во нашата држава.“, вели Спасов.
Александар Кржаловски од МЦМС пак презентираше дел од истражувањето за расположението на граѓаните за една изборна единица и отворени листи.
„46,6 посто од граѓаните сметаат дека треба да има таква реформа и да се воведе една изборна единица, сличен е процентот од 45, 5 посто на тие што поддржуваат отворени листи. За мнозинскиот систем кој го заговара сегашната опозиција има 37 посто поддршка, значи помала од ова што говорат за една изборна единица со отворени листи. Во таа смисла најпрефериран модел за граѓаните е една изборна едиица со отворени листи.“, вели Кржаловски.
Инаку оваа дебата беше одржана додека собраниските служби се уште ги архивираат и преведуваат над 6 илјади амандмани кои ги поднесоа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Од оваа партија и натаму остануваат на ставот дека нема да прифатат промена на Изборен законик на неколку месеци пред одржување на изборите.
„На два месеца пред одржување на избори со еден голем број на забелешки од ОБСЕ ОДИХР кои што не се отстранети да се менува изборниот законик е повторно политички блеф на Зоран Заев затоа што и тоа е едно од многуте ветувања кои што ги даде а не успеа да ги испорача на македонските граѓани“, рече Мицевски.
На дебата говореше и Јанаке Витановски од Државната изборна комисија кој рече дека тие како институција која ги спроведува изборите се подготвени да ги организираат без оглед како ќе се договорат партиите, дали тоа ќе биде една или 6 изборни единици. На оваа расправа накратко присуствуваа дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ но не и на ДУИ.