Македонија

РКЕ одлучи: Од полноќ пониски цени на бензините

РКЕ одлучи: Од полноќ пониски цени на бензините

Од полноќ бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 ќе се продаваат по цена пониска за пет денари за литар, додека цената на дизелот останува непроменета. Одлуката ја донесе Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), со која малопродажните цени на нафтените деривати во просек се намалуваат за 1,89 проценти.

Новите цени ќе важат од 27 октомври 2026 година, од 00:01 часот.

Според одлуката на РКЕ, литар Еуросупер БС-95 ќе чини 91 денар, додека Еуросупер БС-98 ќе се продава за 93 денари. Цената на Еуродизелот останува 99 денари за литар.

Намалување има и кај екстра лесното масло за домаќинство, чија цена се намалува за 0,50 денари и ќе изнесува 110 денари за литар. Од друга страна, мазутот поскапува за 0,694 денари за килограм, па новата максимална цена ќе биде 54,273 денари.

Од РКЕ информираат дека при утврдувањето на цените се земени предвид движењата на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар, како и промените на курсот на денарот во однос на доларот.

Во споредба со претходната пресметка, референтните цени на бензините бележат намалување од 8,12 проценти, додека кај дизелот е забележан раст од 0,404 проценти. Екстра лесното масло поевтинело за 0,074 проценти, а мазутот поскапел за 2,06 проценти.

При пресметката се применети и владините мерки за намален ДДВ за Еуродизелот, во износ од 10 проценти, како и намалената акциза од четири денари за литар кај бензините и дизелот.

Од Комисијата појаснуваат дека утврдените цени се максимални, што значи дека трговците можат да ги продаваат нафтените деривати и по пониски цени.

Ноќно студио

Најнова епизода

Избори Србија 2026 - отворено студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни