Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ поднесоа илјада амандмани за предлог-Законот за постапување со бесправно изградените објекти.
Ова оневозможува стотина илјади граѓани да си ги легализираат објектите, велат од Министерството за транспорт и врски.
Министерот Горан Сугарески, вели дека ВМРО-ДПМНЕ ги оштетува граѓаните, со намерното блокирање на процесите и го оневозможува неговото носење пред распуштање на Собранието.
Но, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека предложениот закон е паушален, несериозен и наменет за, како што велат, локалните моќници. Според нив, овој закон е сензитивен за да се носи по скратена постапка, без широка јавна распра.
Ниту Сугарески, ниту Затуровска не ја знаат содржината на амандманите, бидејќи немаа време да ги разгледаат.
Според предлог-законот, за легализација на дивоградби изградени заклучно со 1 октомври 2019 година ќе се плаќаат 100% комуналии за објектот, како и казна во износ од 50% од комуналиите, додека за бесправните електронски комуникациски мрежи надоместот ќе изнесува 10 евра по квадратен метар од изградена површина.
Предлог-законот не ги опфаќа сите видови бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во списокот на Конвенцијата на УНЕСКО. Претседателката на Комисијата, Затуровска, најави дека продолжението на седница ќе биде презакажано.