Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција го образложи предлог буџетот за 2019 година, кој е креиран според потребите на граѓаните. Буџетот ќе изнесува 6,3 милијарди денари и зголемен е за 300 милиони денари, во споредба со буџетот од 2018 година.
„После овогодинешното зголемување на платите за сите 19.123 здравствени работници за 5%, обезбедување надоместок на приватните специјализанти за нивниот труд и работа, како и зголемување на дежурствата, ноќниот труд и дополнителната работа, сакам да потенцирам дека и следната година ќе ја почнеме со зголемување на платите во јавното здравство. Од јануари 2019 година ќе следи дополнително покачување на платите за 10 отсто за докторите специјалисти и 5 отсто за медицинските сестри. За сите останати здравствени работници покачувањето на платите ќе се реализира од септември 2019 година. Зголемувањето на платите е реализација на уште една точка од Програмата за работа на Владата.
Со новиот предлог буџет за 2019 година, министерството за здравство значително ќе ги подобри здравствените услови и услуги за лекување на пациентите. Со реконструкција и изградба на нови јавно-здравствени установи ќе се подобрат условите за работа и ќе се подигне квалитетот на функционирање на установите.
2019 година ја одбележува зголемувањето на нашиот буџет, а стратешки цели ни се набавката на инсулин, вакцини и лекови за ретки болести. И во следната година продолжуваме напорно да работиме на подобрување на условите и услугите за лекување и подигнување на квалитетот на здравствена заштита на европско ниво“, вели меѓудругото Венко Филипче.