Африм Гаши: Солидарноста и правдата се најдостоинствениот одговор на трагедијата во Кочани

Во Собранието на Република Северна Македонија денеска се одржа комеморативна седница по повод годишнината од трагедијата во Кочани, во која загинаа 63 млади лица. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во своето обраќање истакна дека оваа трагедија оставила длабоки рани не само кај семејствата на загинатите, туку и кај целото македонско општество.

„Некои ноќи завршуваат рутински, некои оставаат спомени, а има и такви што никогаш не завршуваат. Такво утро беше 16 март минатата година“, рече Гаши, потсетувајќи на трагичната ноќ во Кочани, која започна со забава, пријателства и насмевки, а заврши со плач и болка.

Тој потенцира дека заедно со животите на 63 млади луѓе, таа ноќ беа однесени и соништата, плановите и иднината на многу семејства. „Да се зборува за трагедија како оваа е една од најтешките задачи што може да им припаднат на институциите или на едно лице“, нагласи претседателот на Собранието.

Гаши посочи дека солзите и болката на семејствата зборуваат повеќе од било какви политички или институционални изјави и дека оваа комеморативна седница е „заедничко поклонување на целата држава пред животите што згаснаа“. Тој ја истакна и важноста на солидарноста и поддршката што граѓаните, волонтерите и пријателските држави им ја пружиле на семејствата на жртвите.

„Трагедии како оваа ни покажуваат дека одговорноста на институциите е поголема одошто проценуваме и дека правдата е поважна отколку што замислуваме. Само правдата и вистината можат да донесат мал спокој за семејствата и за општеството“, подвлече Гаши, повикувајќи ги надлежните институции – Јавното обвинителство, судовите и Министерството за внатрешни работи – да постапуваат професионално и транспарентно.

Претседателот на Собранието ја нагласи и хуманоста и солидарноста што граѓаните и институциите ја покажале во деновите по трагедијата, како и улогата на лекари, пожарникари, полицајци и волонтери во помагањето на погодените семејства.

Гаши ги охрабри граѓаните да го чуваат споменот на загинатите и истакна дека одговорното однесување, чесноста и солидарноста се најдостоинствениот начин да се памети трагедијата. „Нека оваа трагедија биде последниот аларм за сите политички и општествени чинители: да се вратиме кон самите себе, кон нашата човечност и да ја изградиме државата врз основа на правда, чесност и чиста совест“, заклучи претседателот на Собранието.