Македонија

Агрометеоролозите предупредуваат: Земјоделците да ја искористат сушата за завршување на сеидбата

Агрометеоролозите предупредуваат: Земјоделците да ја искористат сушата за завршување на сеидбата

Пред настапувањето на зимските температури, земјоделците треба да ги завршат есенските активности и да преземат мерки за заштита на културите од болести. Агрометеоролозите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) препорачуваат деновите без врнежи да се искористат за финализирање на сеидбата и засадувањето на отворено.

Успешното презимување на земјоделските култури ќе зависи од соодветните сеидбени норми, како и од правилното искористување на преостанатата топлина и влагата во почвата.

Според агрометеоролозите, сеидбата на јачменот, ’ржта и пченицата е при крај. Целта е овие озимни култури навреме да развијат стабилен коренов систем пред појавата на првите посилни мразови.

Во градинарството, пак, се засадуваат култури што се отпорни на пониски температури. Во овој период се расадува есенска зелена салата во фаза од три до четири листа, а директно се сеат спанаќ и рукола. Кон крајот на месецот се препорачува и сеидба на морков и магдонос.

Посебно внимание треба да се посвети на превентивната есенска заштита. Поради високата релативна влажност на воздухот, се создаваат поволни услови за развој и презимување на фитопатогени организми, кои можат да предизвикаат заболувања кај растенијата. Затоа, агрометеоролозите ја нагласуваат важноста на соодветните мерки за заштита и дезинфекција, со цел да се намали присуството на причинители на болести.

Поволни услови има и во овоштарството. Температурата и влажноста на почвата во овој период овозможуваат засадување нови насади со јаболка, круши, сливи и бобинесто овошје. Навременото засадување може да придонесе за добро вкоренување на садниците пред зимскиот период на мирување.

Крајот на октомври претставува важен преоден период за земјоделското производство, кога навременото завршување на работите и соодветната заштита можат да помогнат во подобра подготовка на културите за зимата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Избори Србија 2026 - отворено студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни