Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети на својот Фејсбук профил објави дека граѓаните се тие кои одлучуваат за судбината на политичките партии во државата.
„Некогаш СДСМ, денес ВМРО ДПМНЕ, иста кампања, ист наратив, иста стратегија со иста цел. Граѓаните се тие кои одлучуваат за судбината на политичките партии во државата и ја одредуваат одговорноста за водење на државата согласно нивните очекувања. Ништо ново, видовме филм, со старо и некреативно сценарио, со чести реемитувања со различни актери“, вели Ахмети.
Ахмети додава дека тие, нивната работа за доброто на општеството и граѓаните како и поставувањето на конструктивни политики и соработка меѓу субјектите за доброто на државата, ќе продолжи и ќе ги поканат сите добри политички партии со проекти и програми, а не со народ и партија.
„Гласот на граѓаните во демократско и мултиетничко општество е свет и одлучувачки за институционалната стабилност на државата и мора да го почитуваат сите кои имаат за цел да преземат одговорност за водење на државата преку градење одржливи политики, без повторување на грешките од минатото“, посочува Ахмети.