Околу два тона небезбедно свежо и замрзнато месо и подготовки од месо се одземени при вонредни инспекциски контроли во малопродажни објекти во Радовиш, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Во одделна контрола во неготинското село Пепелиште одземени се уште 50 килограми месни производи од лице кое произведувало и продавало преку социјалните мрежи без одобрение од Агенцијата.
Контролите биле спроведени вчера, а одземеното месо од објектите во Радовиш, според најавата на АХВ, денеска ќе биде уништено на депонијата „Дрисла“.
Во Пепелиште инспекторите утврдиле дека физичко лице вршело неодобрена дејност – производство на димени месни производи и чварки. При контролата биле одземени печеница, кулен, димена сланина и други производи.
Според АХВ, одземените производи биле без декларација за потеклото, а се чувале и преработувале во несоодветни и нехигиенски услови. Од Агенцијата предупредуваат дека ваквите услови претставуваат сериозен ризик за безбедноста на храната и за здравјето на потрошувачите.
Инспекциските контроли продолжуваат со цел спречување нелегално производство и продажба на небезбедна храна и заштита на здравјето на граѓаните.