Србија во времето на Александар Вучиќ ѝ помогнала на Македонија во повеќе тешки моменти, а таквата поддршка влијае врз позитивната перцепција кај граѓаните, оцени Синиша Пекевски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Зборувајќи за поддршката за Вучиќ меѓу српските гласачи во Македонија, Пекевски ги посочи помошта со вакцините за време на пандемијата, лекувањето на повредените во трагедијата во Кочани и поддршката при недостигот од пченица.
„Првите вакцини за ковид ни ги дадоа тие. Во најлошиот момент што ни се случи во Македонија, во Кочани, имаше безрезервна поддршка и бесплатно лекување на добар дел од пациентите таму. Тоа само покажува дека тој е искрен пријател“, рече Пекевски.
Според него, помошта во кризни ситуации остава траен впечаток и придонесува за довербата кон соседната држава и нејзиното раководство.
„Не би рекол дека нè хранел, туку ни помагал и се покажал како искрен пријател. Ние буквално ништо лошо не сме виделе од Србија кога на чело бил Александар Вучиќ“, истакна Пекевски.
Тој оцени дека токму овие искуства се дел од објаснувањето зошто расположението на српските гласачи во Македонија се разликува од она во дел од останатата дијаспора.