Во Грција започнаа со работа камери со вештачка интелигенција, па затоа внимавајте доколку ова лето тргнете на одмор кон морето, бидејќи ќе бележат секој сообраќаен прекршок.
Камерите се поставени на осум локации, а до крајот на годината ќе бидат воведени и во Солун и на Крит, со дополнителни 2.000 камери.
Според информациите објавени на сајтот „Никана“, контролата сега е автоматизирана, а AI камерите веќе испратиле и првите 150 казни директно до прекршителите. Без чекање – преку дигитален систем, автоматски на телефон.
„На пример: ако поминете на црвено светло во Атина, камерата ја регистрира табличката, прекршокот автоматски се обработува и казната се испраќа преку дигитален систем во рекордно време на вашиот телефон или е-пошта“, предупредуваат грчките власти.
Она што е особено впечатливо е дека во само еден месец тестирање, во јануари, биле регистрирани 40.000 сериозни прекршоци. Уште поизненадувачки е податокот дека само една камера (на авенијата Месогеон) регистрирала 28.000 поминувања на црвено светло.
Од надлежните институции нагласуваат дека целта не е казнување за профит, туку спречување на опасно однесување. Како што велат, фокусот не е на оние што возат 52 км/ч каде што ограничувањето е 50, туку на возачите кои возат со 120 км/ч и ги загрозуваат животите.
Истакнато е дека целта на камерите е санкционирање и намалување на бројот на сериозни прекршоци кои ја загрозуваат безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Да потсетиме, Грција се смета за помалку безбедна земја за возење, а со воведувањето на овој систем се очекува подобрување на општата безбедност во сообраќајот, како и на репутацијата на државата.