Македонија

Акција „Опсон 9“ на Интерпол – спречен обид за внес на отровна храна во Македонија – уништена во Дрисла

Три увоза на пилешко месо, со вкупна тежина од 60 тони и со потекло од регион во кој имало птичји грип се запленети откако во координирана акција предводена од Интерпол било откриено дека се врши трговија со фалсификувани производи.

„Откриени се 20 тони чадено свинско месо со непрецизни податоци за составот на истото. Поголемиот дел од ова месо (17 тони) се вратени во земјата извозник, односно воопшто не е дозволен увоз на истото. Увозот на било кој вид на храна може да се реализира само по дадени дозволи за увоз од страна на Агенција за храна и ветерина“, велат од царинската објава.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство не сакаа да зборуваат пред камера. Во соопштението кое го испратија велат дека спречени се три пратки со по 21 тон механички бескостено пилешко место кое потекнувало од Полска, кое поради болеста е забрането за увоз.

„Трите пратки пилешки МОМ од Полска, со вкупна количина од 63 тони, чиј увоз преку граничниот премини Табановце беше спречен, се нештетно уништени на депонијата Дрисла. Во март годинава инспекциските служби на Агенција, во рамки на акцијата ОПСОН 9 на ИНТЕРПОЛ И Еуропол, утврдија недоследност и кај еден оператор со храна кој увезол над 20 тони преработки од месо по потекло од Холандија. Кај него со лабораториските испитувања е утврдено дека постојат неусогласености кај декларираниот производ“, велат од Агенцијата за храна.

Од вкупно увезената количина месни преработки, околу 17  тони се вратени на извозникот од Холандија, а повеќе од 1,7 тони преработки од месо увезени во март годинава, се нештетно уништени, додаваат од АХВ.

Во соседна Бугарија, во депо откриен е кашкавал контаминиран со ешерихија коли, а уништени биле 3,6 тони небезбедни млечни производи кои што требало да бидат процесирани во сирење.

Надлежните во Македонија велат дека не постои опасност ваквите деривати да биле препакувани и да завршиле на македонскиот пазар.

Оваа голема акција на Интерпол е по името „Опсон 9“, а нашата држава учествуваше заедно со уште 82 други држави во спречување на трговијата со фалсификувана и неквалитетна храна и пијалаци во период од една година.

.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни