Свет

Аларм во Белата куќа! Смртоносните дроги ги убиваат Американците: Трамп започнува тотална војна против нарко-картелите

Аларм во Белата куќа! Смртоносните дроги ги убиваат Американците: Трамп започнува тотална војна против нарко-картелите

Поради предозирање со фентанил во Соединетите Американски Држави секоја година умираат десетици илјади луѓе.

Трамп ја постави борбата против трговијата со оваа дрога како еден од приоритетите, со порака дека администрацијата „ќе одговори на криза од размери какви што земјата не памети“. Во рамки на тие мерки претходно беа воведени царини кон Канада, Кина и Мексико со цел да се запре дотокот на оваа супстанца.

Со поддршка на американските разузнавачки служби, мексиканските безбедносни сили го убија Ел Менчо, водач на еден од најголемите нарко-картели поврзани со шверц на синтетички дроги.

Што е фентанил?

Фентанил е синтетички опиоид, и до 50 пати посилен од хероин. Во медицината се користи за ублажување на силни болки, но илегалниот фентанил најчесто се произведува во тајни лаборатории и се продава во форма на прав или таблети.

Зошто е толку опасен?

Неговата најголема опасност лежи во исклучителната јачина. Разликата меѓу дозата што предизвикува ефект и смртоносната доза е многу мала. Фентанил го потиснува дишењето и може да доведе до гушење и смрт дури и во минимални количини.

Дополнителен проблем е што често се меша со други дроги, како хероин или кокаин, без знаење на корисникот, со што драматично се зголемува ризикот од ненамерно предозирање.

Што се случува при предозирање?

При предозирање доаѓа до забавување или целосен престанок на дишењето, што го намалува дотокот на кислород до мозокот. Последиците може да бидат кома, трајно оштетување на мозокот или смрт.

Предозирањето може да се запре со примена на налоксон, лек во форма на назален спреј кој го обновува дишењето доколку се примени навреме.

Застрашувачка статистика

Според податоците на Centers for Disease Control and Prevention (CDC), во 2021 година од предозирање со фентанил починале повеќе од 70.000 Американци, додека во 2020 година бројката изнесувала речиси 58.000.

Во еден период во САД од синтетички опиоиди умирале повеќе од 150 лица дневно.

Сепак, поновите податоци покажуваат пад. Во дванаесетмесечниот период заклучно со 31 октомври 2024 година, бројот на смртни случаи од сите дроги е намален за 25 отсто, на околу 84.000. Кај синтетичките опиоиди е забележан пад од 33 отсто, на околу 52.400 смртни случаи.

Во Обединетото Кралство фентанил е значително помалку распространет – во 2021 година биле регистрирани 58 смртни случаи поврзани со оваа супстанца.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни