Албанија го забранува ТикТок во период од една година

Албанија се приклучува на растечката листа на земји кои го забрануваат или суспендираат TikTok. Корисниците од оваа земја нема да имаат пристап до платформата во период од една година, а причината е зголеменото насилство кај младите. Забраната стапува на сила на почетокот на 2025 година.

Насилството е честа тема во медиумите, а за насилничкото однесување виновни се видеоигрите, социјалните мрежи и воопшто интернетот. По убиството на 14-годишното момче во ноември 2024 година, албанскиот премиер Еди Рама исто така ги обвини социјалните мрежи, пред сè ТикТок, за зголемување на насилството. Момчето го убил соученик, а шокантните фотографии биле споделени на Snapchat. Трагедијата ја поттикна државата да иницира укинување на некои социјални платформи, но и да дизајнира програма за едукација на младите и поддршка на родителите.

Други земји исто така размислуваат за построги закони за контрола на социјалните платформи, особено на најмладите корисници. На пример, Австралија веќе ги забрани социјалните мрежи за помлади од 16 години, а забраната се однесува на Instagram, TikTok, Facebook, X и YouTube. Слични потези се разгледуваат во Северна Америка, низ Азија и Европа.