Поради зголемениот број случаи со Ковид-19, на кои им е потребно болничко лекување, албанското Министерство за здравство и социјална заштита информираше дека е целосно подготвена третата Ковид болница, јави дописничката на МИА од Тирана.
Отфрлајќи ги обвинувањата на опозицијата дека здравствениот систем е во колапс, министерката Огерта Манастирлиу рече дека состојбата во двете Ковид болници е под конрола.
– Нема колапс во здравствениот систем. Ковид не е игра, целиот свет е во неволја. Подготвени сме за неколку сценарија. Болницата Ковид 3 е целосно подготвена и по потреба веднаш ќе биде ставена во функција. Исто така ја изградивме четвртата Ковид болница, со што бројот на болнички легла изнесува 500. Се подготвуваат и регионалните Ковид центри според некои претходно подготвени сценарија, рече таа.
Болницата утре ќе ја посети премерот Еди Рама, што според медиумите ќе значи нејзино профункцонирање..
Во неа, според министерката, ќе бидат трансферирани лекари од Инфективната клиника, а неколку и од Клиниката за интерни болести, а 50 медицински сестри веќе ја минале неопходната обука.
Инаку, во последното деноноќие од направените 1.315 тестови позитивен резултат е добиен кај 299, што е 23 отсто од тестираните, со што вкупната бројка на заразени изнесува 19.157.
– Битката со опасниот вирус, во последните 24 часа ја добија 106 или вкупно 10.654, додека ја изгубија четворица пациенти, односно 477 до сега. Активни на болеста се 8.026, од нив 271 се третираат во двете Ковид болници, информираа од Министерството.
Претходно, претседателот Илир Мета побара под итно зголемување на бројот на тестови дневно, по податокот изнесен од СЗО дека во неговата земја се прават најмалку тестови во светот во однос на бројот на жители.
.
