Албанскиот премиер Еди Рама го критикуваше учеството на граѓани од Северна Македонија и Косово на протестите во Албанија. Преку објава на социјалните мрежи, тој порача дека „Албанците од Северна Македонија не можат да се сметаат за дијаспора на Албанија, исто како што Албанците од Косово не можат да се сметаат за такви“, пренесе „Албанска пошта“.
Рама ги осуди организаторите кои, како што тврди, довеле Албанци од Приштина и Тетово на протестите, а учесниците ги нарече „жртви на политички каравани“. „Албанците од Северна Македонија не се дијаспора на Албанија на туѓа територија. Заедно со Македонците, тие се составен народ во својата земја. Дијаспората се емигранти кои живеат во странски земји, а не тие, ниту Албанците од Косово, кои имаат своја независна држава“, напиша Рама.
Според него, употребата на национални знамиња и албански симболи во протести со цел соборување на владата на Албанија го нарушува угледот на Албанците во регионот и на меѓународна сцена. Тој упати и обвинувања за финансирањето на овие движења, наведувајќи дека нивните спонзори трошат пари само за да го компромитираат имиџот на косовските и македонските Албанци.
Во својата реакција, Рама ја осуди и употребата на знамето на Ослободителната војска на Косово (ОВК) на протестите, нарекувајќи го тоа „сквернавење“ на симболот на ослободителната војна. „И никогаш нема да ми излезе од памет сквернавењето на ослободителното знаме на ОВК, кое се издига како знаме на омраза за соборување на владата во Тирана“, изјави тој.
На крајот од објавата, Рама побара неговата изјава да не се толкува како напад врз премиерот на Косово, Албин Курти. Тој нагласи дека не го смета Курти за одговорен за активистите на движењето Самоопределување, кои, според него, учествувале во протестот. „Оставете го Албин Курти надвор од оваа чорапа“, порача Рама.
Албанија повеќе од дваесет дена се соочува со континуирани протести, наречени „Револуција на Фламинго“, поттикнати од контроверзен проект за планирана изградба на луксузен туристички комплекс поврзан со зетот на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, Џаред Кушнер.
Демонстрации се одржаа и во албанската дијаспора во Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Канада, Франција, Германија, Италија, Шведска и Австралија. Учесниците бараат прекин на проектот, укинување на законот за стратешки инвестиции, измени на регулативите за заштитените подрачја и оставка на премиерот Рама.