Балкан

Александар Вучиќ најави оставката како претседател: Ќе бидам претседател уште неколку недели

Александар Вучиќ најави оставката како претседател: Ќе бидам претседател уште неколку недели

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа најави дека ќе поднесе оставка, без да прецизира кога точно ќе го стори тоа. Настапувајќи на митинг на владејачката Српска напредна странка (СНС) во Белград, пред илјадници приврзаници, тој изјави дека ќе остане на функцијата „уште неколку недели“.

„Ова се моите последни денови и недели како претседател на републиката. Потоа ќе поднесам оставка. На раководството на Српска напредна странка му кажав дека на претстојните избори ќе помогнам да го освоиме довербата на народот за следните четири години“, рече Вучиќ. Тој најави дека власта и нејзините коалициски партнери ќе излезат на избори со листа под назив „Единствена Србија“. Не наведе кога ќе бидат распишани нови парламентарни избори.

Вучиќ се соочува со масовни анти-владини протести од ноември 2024 година. Студентското движење, кое е во првите редови на протестите, ја обвинува владата за корупција и бара предвремени избори.

Како визуелен акцент на митингот беше развиорено српското национално знаме долго над 500 метри и тешко речиси еден тон. Меѓу симболиката на настанот се појавија и два хуманоидни робота со традиционални српски имиња — Милутин и Драгутин.

Во говорот Вучиќ нагласи дека Србија ќе ги задржи „традиционалните партнерства“ со Кина и Русија, додавајќи дека земјата ќе продолжи по европскиот пат и ќе ги исполни своите обврски со „повеќе ентузијазам“.

Тој упати обвинувања кон студентското движење и во исто време повика на дијалог. Обвини и „странски центри на моќ“ за мешање во политичките процеси во земјата, без да изнесе докази. „Верно ѝ служам на својата земја четиринаесет години. Се борев само за Србија и никогаш не посакав да му служам на било кого друг освен на вас, граѓаните на Србија“, изјави тој.

Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека вечерниот митинг на СНС пред зградата на парламентот во Белград, одржан при опасно високи температури до 36 степени Целзиусови, го следеле околу 207.000 граѓани.

Настанот беше организиран во пресрет на Видовден, 28 јуни — значаен историски, духовен и национален празник во Србија, длабоко врежан во колективната меморија како симбол на борбата за слобода, херојството и саможртвата. За утре, 28 јуни, во градот Краљево студентите најавија контрамитинг под слоган „Сè се гледа на Видовден“, со симболичниот поднаслов „Имаме со што да излеземе пред Лазар“.

На 28 јуни 1389 година, на Косово Поле се одиграла пресудната битка меѓу српските сили на кнез Лазар и војската на Отоманската империја. Иако битката го означи почетокот на вековното османлиско владеење, во српската традиција таа е издигната како духовен триумф — избор на „Небесното царство“ (честа и верата) пред „Земното царство“ (ропството).

Подготовките за двата политички спротивставени собири беа проследени со дејствија на Вишото јавно обвинителство во Белград, кое отвори постапка против студенти и активисти под сомнение дека во јануари 2025 година одржале состанок и составиле план за симулирање напад со звучно оружје на протестот што следеше на 15 март истата година. На тој ден, за време на масовен анти-владин собир, илјадници излегоа на улица за да им оддадат почит на 16-те загинати при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година. Учесници сведочеа за необичен звук и ударен бран што ги натерал да се разбегаат и да се засолнат. Студентите ја оценија истрагата на Вишото јавно обвинителство како „уште една лага и одвлекување на вниманието“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни