Алијанса/Алтернатива не преговараат за Влада – „Или Зибери премиер, или ДУИ во опозиција“

Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива немале официјални средби со лидерот на СДСМ Зоран Заев за преговори за идната Влада. Според Скендер Реџепи Зејд тие воопшто нема да почнат преговори се додека ДУИ не го оствари своето предизборно ветување Насер Зибери да биде премиер, а доколку тоа не го оствари партијата на Али Ахмети треба да оди во опозиција. Сите досегашни средби со СДСМ, вели Реџепи, биле неформални.

„Иако не сме легитимни победници на изборите на 15 јули во албанскиот политички камп, ние нема да влеземе во преговори се додека ДУИ не го исполнува предизборното ветување за премиер да биде Насер Зибери. Дури како што сме кажале ако во Собранието доаѓа предлог Насер Зибери да биде премиер, ние со нашите 12 пратеници ќе гласаме за истиот. Но ако ДУИ не успее да го реализира ова ветување за што има легалитет, таа партија нема право да биде дел од идната влада и нејзиното место е во опозиција“, истакна Скендер Реџепи.

Ваквата изјавата на Реџепи доаѓа само ден откако на Зоран Заев му беше доверен мандатот за состав на новата Влада, по што беше наведено и дека има напредок во преговорите меѓу СДСМ и ДУИ. Во меѓувреме течат роковите за формирање Влада, но нема информации за средби меѓу Заев и Ахмети, а извори од СДСМ само велат дека преговорите се водат на ниво на партиски секретари. Продолжуваат сериозни разговори за формирање одговорна Влада, се наведува во соопштението на СДСМ.

„Процесот на сериозни разговори за формирање стабилно парламентарно мнозинство кое треба да осигури нова Влада со полн четиригодишен мандат продолжува. Пред македонското Собрание ќе биде испорачан предлог за Влада составена од квалитетни одговорни и отчетни кадри, и која силно ќе се бори со криминалот и корупцијата на сите нивоа“, велат од СДСМ.

И од ДУИ велат дека консултациите продолжуваат и денес и се водат на различни нивоа. Потврдени се принципите врз кои ќе се заснова следната влада и тие биле соопштени на јавноста неколку пати.

„Се подготвуваме за следните чекори како што се подготовките за детална програма за работа и дефиниција на предлози со лидери на обучени, чесни и способни институции. Веруваме дека овој пристап ќе доведе до конечен договор и Влада со целосен четиригодишен мандат да биде одобрена во Собранието што ќе им служи на сите граѓани подеднакво и ќе го продолжиме партнерството со нашите евроатлантски сојузници“, додаваат од ДУИ.

Од ВМРО-ДПМНЕ и натаму остануваат на ставот дека шефот на државата Стево Пендаровски противуставно му го дал мандатот за состав на нова влада на СДСМ. За тоа  како натаму ќе делуваат портпаролот Димче Арсовски вели дека ќе чекаат да го видат исходот од преговорите.

„Ќе почекаме да видиме како ќе се развиваат преговорите, сепак тие преговори ги водат две други политички партии ќе треба таму да ги бараме одговорите за се она што се разговара таму. Но морам да истакнам и дека во ВМРО-ДПМНЕ сите опции се отворени во наредниот период и секако ќе го следиме периодот на преговори кои што ќе го предводат партиите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

По вчерашното доделување на мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев, тој има рок од 20 дена да го состави новиот владин кабинет.

.

Извор: ТВ21