Македонија

Алијанса за Албанците стана „Албанска лига“ – Села најави силна политичка офанзива

Алијанса за Албанците стана „Албанска лига“ – Села најави силна политичка офанзива

На Петтиот партиски конгрес, крилото на Алијансата за Албанците предводено од Зијадин Села официјално го промени своето име во Албанска лига. Прогласувајќи го почетокот на нова политичка ера, Села им порача на партиските активисти дека претстои период на интензивна теренска работа и формирање нови подограноци.

Лидерот на партијата децидно истакна дека неговиот политички субјект нема намера пасивно да ги набљудува обидите за нарушување на колективните права, туку на нив ќе одговори со силен политички ангажман. Во своето обраќање, тој ги реафирмираше партиските ставови за клучните политички процеси во земјата, отворајќи ја и можноста за потенцијален влез во владината коалиција.

Потпретседателката Илире Даути, говорејќи за досегашниот пат на партијата под нивно раководство, истакна дека оваа структура секогаш ги отстранувала пречките за Албанците во Македонија, а тој процес и понатаму ќе го предводи Зијадин Села.

„Политиката ја движат два типа на луѓе: оние кои бараат бенефит за себе и оние кои се жртвуваат и си ги повредуваат сопствените раце за да ги отстранат пречките од патот на идните генерации“, истакна Даути, алудирајќи на нивната политичка кауза.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни