„Конвенциите не се задолжителни, само Уставот е гаранција дека нашите права нема да зависат од нечија добра волја“, порача претставникот на Коалицијата „Менуваме“, Суарет Алиша.
Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Суарет Алиша ја отвори дебатата за потребата од итни уставни измени со кои лицата со попреченост би биле дефинирани во највисокиот правен акт на државата. Според него, сегашниот третман на оваа категорија граѓани како „медицински случаи“ е застарен и понижувачки.
Зошто е важен Членот 9 од Уставот?
Алиша открива дека веќе разговарал со претседателката Силјановска-Давкова за потребата од прецизно дефинирање на лицата со попреченост во Уставот. Главниот аргумент е дека оваа заедница поседува специфични карактеристики кои заслужуваат уставно признавање.
„Ние слепите лица имаме свое Брајово писмо. Лицата со оштетен слух и говор имаат свој јазик. Тоа се основните услови за да бидеме вметнати во Уставот. Кога би биле таму, нашите права би биле загарантирани, а не да бидеме оставени на милост и немилост на меѓународни конвенции кои не се мандаторни“, објаснува Алиша.
Народен правобранител кој „живее“ со проблемите
Влезот во Уставот, според Коалицијата „Менуваме“, би отворил пат и за формирање на посебна институција – Народен правобранител за лица со попреченост, кој и самиот би бил лице со попреченост.
„Сегашниот оддел во канцеларијата на Народниот правобранител не нè задоволува. Нашите потреби се поинакви. Ни треба некој што разбира зошто е опасно кога во маркет наместо шампон ќе купиме солна киселина бидејќи нема кој да ни ја прочита декларацијата“, дециден е Алиша.
„Ние многу памтиме и чекаме“
Алиша потсети дека уште во 2017 година Обединетите нации испратиле насоки до македонскиот претседател за уставно дефинирање на оваа категорија, но до денес ништо не е преземено. Тој упати критика до општеството кое често ги потценува нивните капацитети.
„Во 21 век сè уште мислат дека бидејќи сме лица со попреченост, не сме здраворазумни. Напротив, ние многу добро памтиме што ни е ветено. Немаме друга татковина и затоа ќе чекаме и ќе се бориме за нашето место во Уставот“, заклучи тој во гостувањето на 4ТВ.
