Алиша за 4ТВ: Лицата со попреченост се чувствуваат како во домашен притвор поради лажните ветувања на Град Скопје

„Пред избори добиваме поплава од ветувања, а кога ќе се изгаснат камерите, остануваме заглавени во нефункционален град. Како уште полицајци да ни пратат за да бидеме и официјално во притвор“, вели претставникот на Коалицијата „Менуваме“.

Недостатокот на системски политики и нефункционалната инфраструктура во главниот град се секојдневна пречка за слободно движење на лицата со попреченост. Суарет Алиша од Коалицијата „Менуваме“, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, упати сериозни критики до градските власти, посочувајќи дека ветувањата од изборните програми останале само на хартија.

Град со несинхронизирани семафори и бариери

Алиша посочува дека додека останатите граѓани можат да избираат алтернативни начини за движење, лицата со попреченост се ограничени од самата околина. Тој нагласува дека постојат решенија кои не се скапи, но бараат политичка волја.

„Факт е дека не можеме целиот град одеднаш да го подобриме, но можеме главните булевари и семафорите да ги прилагодиме. Моментално, звучните сигнали на семафорите не се синхронизирани со светлата, што е исклучително опасно за нас“, објаснува Алиша.

Законот се крши, политичарите молчат

Според него, Град Скопје и советниците имаат законска обврска според Членот 11 од Законот за градење да креираат инфраструктура според потребите на оваа категорија граѓани, но реалноста е дека тие се игнорирани.

„Најтрагично е кога ќе дојдат избори. Тогаш ветуваат ‘сè и сешто’, има поплава од ветувања. Но, штом се изгаснат камерите, ние повторно остануваме заборавени“, револтирано истакна тој.

Живот во „домашен притвор“

Опишувајќи го секојдневието на лицата со попреченост во Скопје, Алиша употреби силен термин за да ја долови изолацијата во која се наоѓаат поради непристапноста на јавниот простор.

„Моментално се чувствуваме како во домашен притвор. Уште малку останува само полицајци да ни пратат да ни чуваат пред врата. Ете така се чувствува моментот во овој град“, заклучи Алиша во разговорот за 4ТВ.