Македонија

Алиу ја открива визијата за Новиот клинички центар: „8 Септември“ е географски и економски најлогичен избор

Алиу ја открива визијата за Новиот клинички центар: „8 Септември“ е географски и економски најлогичен избор

Министерот за здравство, Азир Алиу, во интервјуто за „Ноќно студио“ на „4ТВ“ за првпат детално ги образложи причините поради кои државата се откажува од претходно најавуваните проекти за изградба на нов клинички центар на зелена површина, како и од идејата за доградба на постојниот комплекс клиники во центарот на Скопје. Како инженер по струка, Алиу нагласи дека тој и премиерот примениле рационален, инженерски пристап кој покажал дека ГОБ „8 Септември“ е најидеалната основа за иден современ клинички комплекс.

Зошто пропаднаа претходните идеи – комплексноста во центарот и прескапата „ливада“

Министерството направило длабока анализа на три локации за кои во минатото се потрошија огромни пари за проектирање и идеи (како Петровец и Веле Поле). Анализата покажала дека почнувањето проект целосно од нула на празна земја бара премногу време и е финансиски неиздржливо за државата, а во меѓувреме постојните објекти би станале тотално нефункционални.

Од друга страна, идејата да се гради на местото на сегашниот Клинички центар „Мајка Тереза“ отпаднала поради урбанистичкиот хаос во строгиот центар на градот, но и поради оперативни ризици.

„Објектите таму се дотраени и дел од нив мора да се рушат. За да пасивизирате дел од некоја клиника додека градите, мора да активирате друга, а тој процес е толку комплексен што квалитетот на здравствените услуги драстично ќе паднеше. Дополнително, времетраењето на изградбата во центарот ќе беше два и пол пати подолго отколку да комбинирате постојна со нова инфраструктура“, објасни Алиу.

Фантастична инфраструктура: Обиколницата го прави „8 Септември“ пристапен за цела држава

Изборот на ГОБ „8 Септември“ како јадро за новиот клинички центар се темели на силната статика на постојниот објект кој бара само внатрешна реорганизација, но не и целосно градење од корен. Овој комплекс веќе е функционално поврзан со поликлиниката „Букурешт“ и ПЕТ-центарот.

„Географски и инфраструктурно локацијата е фантастична. Поврзана е со три големи булевари, а веднаш до неа е обиколницата. Тоа значи дека новиот клинички центар ќе биде подеднакво и брзо пристапен како за граѓаните на Скопје, така и за пациентите кои доаѓаат од другите градови во внатрешноста. Вака конципиран, проектот ќе нè чини многу поевтино и ќе се реализира за многу пократко време“, потенцираше министерот.

Месечни преговори со приватни сопственици за земјиштето отспроти

За да се заокружи овој амбициозен план, државата мора да изгради нови објекти на земјиштето кое се наоѓа точно наспроти болницата „8 Септември“. Проблемот е што таа парцела не е во државна сопственост, туку е во сопственост на двајца приватни сопственици со кои Министерството преговара веќе со месеци.

„Сигналите се позитивни. Станува збор за проект од висок национален интерес и за среќа, емпатијата кон државата и кон оваа капитална инфраструктура постои и кај приватните сопственици. Сигурен сум дека ќе стигнеме до решение, но да оставиме административните процедури да завршат до крај“, оптимист е Алиу.

Покрај имотно-правните односи, Министерството во моментов работи и на урбанистичките пренамени на земјиштето, со оглед на тоа што таму сè уште нема дозвола за градба на здравствена институција. Иако овие административни чекори бараат време, министерот уверува дека крајниот резултат ќе биде ултрамодерен и функционален клинички центар каков што граѓаните со децении заслужуваат.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни