Министерот за здравство, Азир Алиу, во интервјуто за „Ноќно студио“ на „4ТВ“, детално ги образложи причините и конкретните придобивки за граѓаните од пакетот со 15 законски измени. Како што појасни тој, новите решенија се комбинација од усогласување со новото време, модернизација на застарените закони, но и воведување на целосно нови законски акти за области кои досега воопшто не биле правно регулирани во државата.
Законот за пушење не ги препознава вејповите, Законот за лекови воведува „track and trace“
Како пример за застарено решение кое бара итна замена, Алиу го посочи Законот за заштита од пушење, кој датира уште од 1995 година.
„Овој закон претрпел одредени измени низ годините, но реалноста денес е поинаква. Пушењето повеќе не е поврзано само со традиционалните цигари. Сега имаме електронски цигари, никотински уреди, вејпови, кои актуелниот закон воопшто не ги препознава и не ги дефинира. Затоа овој закон мора да се смени во согласност со потребите на пазарот и индустријата“, објасни министерот.
Сериозни измени се подготвуваат и во Законот за лекови, каде што се воведува таканаречениот „track and trace“ систем. Целта на овој процес е оптимизација на превозот и целосна контрола на патеката на лековите, со што во секој момент ќе се знае каде завршува и последното апче во здравствениот екосистем.
Правно регулирање на телата за научни цели и нов модел за донорство
Министерот откри дека се подготвува и целосно нов закон со кој за првпат ќе се дефинира и правно ќе се уреди можноста човечкото тело по смртта да биде донирано и користено за лабораториски вежби по анатомија на медицинските факултети, пракса која досега не беше законски предвидена.
Сепак, една од најзначајните хуманитарни реформи се однесува на Законот за донорство, кој наскоро ќе влезе во собраниска процедура по побрза постапка. Новиот модел предвидува секој граѓанин да може лично да се изјасни дали сака да биде донор на органи во текот на животот, директно кај својот матичен лекар.
„Кај нас листите за чекање за органи се многу долги, во моментов над 150 пациенти чекаат орган за поквалитетен живот. Од друга страна, бројот на семејства кои одлучуваат да ги донираат органите од нивните блиски по смртта е премногу мал. Нашата анализа покажа дека семејствата се соочуваат со огромен стрес и шок во тие критични 24 часа кога треба да донесат таква одлука, а тука е и недоволната информираност“, истакна Алиу.
Тој додаде дека биле консултирани и верските заедници, кои позитивно реагирале и повикале на вакви законски измени.
„Многу е подобро јас и вие, додека сме живи, самите да одлучиме за нашето тело и за нашите органи, отколку тој товар да им го оставаме на роднините во најтешките моменти. Јас лично ветив дека во моментот кога системот ќе биде подготвен и законот ќе помине, јас ќе бидам првиот што ќе го пополни тој формулар за донорство. Многу е позитивно и по нашата смрт, дел од нашите органи да продолжат да живеат и да овозможат поквалитетен живот за некој друг граѓанин“, заклучи министерот Алиу, на што уредникот на емисијата најави дека тој ќе биде вториот што ќе се пријави во системот.