Македонија

Алиу по 13 месеци заминува од функцијата: парамедик ќе се станува со тригодишни студии

Алиу по 13 месеци заминува од функцијата: парамедик ќе се станува со тригодишни студии

Министерот за здравство во заминување Азир Алиу изјави дека во изминатите 13 месеци во здравствениот сектор се реализирани значајни проекти и започнати се клучни реформи. Тој нагласи дека во процедура се петнаесет закони, од кои дел веќе се усвоени, а останатите се во напредна фаза, со што, како што рече, се зацврстува законодавната рамка во здравството.

Алиу посочи дека дигитализацијата е интегрирана како составен дел од здравствениот систем и ќе продолжи со засилен интензитет. Дополнително, државата е приклучена кон европската програма ЕУ4Здравје, една од најголемите иницијативи на Европската унија во областа на здравството, која носи не само финансиска поддршка, туку и стручност и стандарди за управување со податоците.

Како недовршена обврска, тој го наведе неповрзувањето на здравствените системи со финансискиот сегмент. Според Алиу, клучно е граѓаните да имаат избор дали здравствената услуга ќе ја добијат во јавна или во приватна установа, бидејќи средствата во здравствениот фонд се обезбедуваат од нивните придонеси. Тој оцени дека ваквиот модел ќе овозможи услугите да се добиваат таму каде што се посоодветни и поефикасни.

Говорејќи за предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун и сродни производи, Алиу го оцени како еден од најважните во пакетот од петнаесет. Првата фаза на усогласување е завршена, законот поминал на седница на Владата, а во Собранието го поминал првото читање. Во второто читање ќе се разгледуваат осум амандмани, за кои е формирана експертска група што ќе достави стручно мислење. Конечните одлуки, како што наведе, ќе ги носи новиот министер, со цел законот за две до три недели да стане дел од правниот поредок, бидејќи е клучен за јавното здравје.

Алиу истакна дека како министер во заминување не сака да навлегува во дополнителни детали. Тој ја информирал неговата наследничка или наследник за сите отворени процеси и веќе завршени постапки, додавајќи дека од следната недела новиот раководител на ресорот ќе биде целосно вклучен и ќе одговара на повеќе прашања поврзани со тековните реформи.

Осврнувајќи се на недостигот од екипи за итната медицинска помош, Алиу рече дека ова е предизвик што се забележува на глобално ниво, но дека завршиле сите подготовки за воведување на парамедицинари. Се чека одлука од Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје за нова тригодишна студиска програма за парамедицинари на Медицинскиот факултет. По одобрувањето на универзитетско ниво, програмата ќе биде доставена и до Министерството за образование. Целта е екипите да станат поефикасни, подобро организирани и предвидливи, со оглед дека постојниот систем често се соочува со кадровски празнини поради ротации на докторите на специјализации и супспецијализации.

Тој нагласи дека парамедицинар не може да стане лице со тримесечна обука, туку со тригодишни студии, по кои дипломираните кадри ќе знаат стручно да ракуваат со опремата и да спроведуваат соодветни постапки. Дополнително, екипите за итна помош ќе бидат поврзани со експерти од клиниките и болниците во Скопје, за да може по потреба да се обезбеди навремена и квалитетна стручна поддршка на терен.

Во врска со извештаите за наводно непотребно изведени кардиохируршки интервенции, Алиу информираше дека целиот материјал е разгледан на затворена седница на Владата, со што за Министерството за здравство процесот е завршен. Документите се доставени до надлежните институции, а ако биде побарано, Министерството ќе обезбеди дополнителни информации.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни