Македонија

Алиу: Со 15 законски измени и долгорочни стратегии ставаме крај на партиските специјализации и хартијата во здравството

Алиу: Со 15 законски измени и долгорочни стратегии ставаме крај на партиските специјализации и хартијата во здравството

Министерот за здравство, Азир Алиу, во продолжение на гостувањето во „Ноќно студио“ на „4ТВ“, детално образложи на кој начин неговиот тим го заштитува здравствениот систем од идни политички влијанија и уназадувања. Како што откри тој, во тек е процесот на креирање и спроведување на дури 15 законски измени — односно 11 измени на постоечки и 4 целосно нови закони кои темелно ќе го променат начинот на кој функционира македонското здравство.

Како доктор по компјутерски науки, министерот Алиу стави посебен акцент на дигитализацијата, подвлекувајќи дека новата законска рамка веќе нема да остави простор за импровизации, без разлика дали следноит министер ќе биде лекар или правник.

„Хартијата веќе нема да биде главен документ во здравството, туку само спореден. Главен документ станува дигиталниот потпис, дигиталниот процес и електронското досие на пациентот. Со закон точно дефинираме дека хартија ќе се користи исклучиво доколку паднал системот или има некаков застој. Таа промена е веќе воспоставена и секој следен министер ќе мора да ја почитува, бидејќи системот едноставно не може да се врати назад“, дециден е Алиу.

Според Алиу, здравствениот систем мора да се планира за минимум 10 години однапред. Во таа насока, при крај е изработката на две клучни национални стратегии: Националната стратегија за дигитална трансформација на здравството и Националната стратегија за човечки капацитети.

За оваа намена, Министерството за здравство во координирана работна група со Министерството за образование воведува нов, строго контролиран систем на планирање.

„Точно ќе се знае зошто се отвора едно слободно столче во средното медицинско образование или на факултетите за медицина, фармација и стоматологија. Но, што е уште поважно — кога тој студент ќе заврши, точно ќе се знае неговото работно место. Директорите на болниците повеќе нема да можат да отвораат специјализации и субспецијализации само затоа што ‘така им текнало’ денес. Директорот ќе биде должен да отвори специјализација пет години однапред, точно знаејќи дека за пет години тој специјалист во институцијата ќе оди во пензија“, објасни министерот.

Како трет столб на кој се темелат реформите, Алиу ја посочи целосната транспарентност и отчетност на министерството и вработените, за која вели дека веќе станала стандард.

„Овие процеси ме исполнуваат и како човек и како министер. Јас ви гарантирам дека кој и да дојде по мене, јавноста и пациентите веќе сами ќе ги бараат овие вредности. Ова повеќе не зависи од министерот. Ова се системи во воспоставување кои веќе даваат резултати и јавноста едноставно нема да дозволи да се откаже од нив“, заклучи Алиу во своето интервју.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни