Министерот за здравство, Азир Алиу, во гостувањето во „Ноќно студио“ на „4ТВ“ обелодени сериозни аномалии во менаџирањето со листите за чекање за интервенции во јавното здравство и најави дигитално решение кое ќе спречи лекарите да ги уценуваат пациентите.
Дигитален преглед на мобилен за спречување на „понудите“ за приватни операции
Алиу посочи дека во неговиот кабинет и преку официјалните канали постојано пристигнуваат поплаки од граѓани кои се соочуваат со манипулации во државните клиники во однос на термините за оперативни зафати.
„Пациентите не информираат дека докторот им велел: ‘Ќе чекате три месеци за операција на државно, но ако сакате побрзо, дојдете утре после 16:00 часот во приватниот термин и веднаш ќе ве оперираме’. Проблемот тука не е цената на приватната услуга, туку недоволната информираност на пациентот. Јас како лекар можам да ви кажам дека сте 105-ти на ред, а вие немате начин да проверите дали е тоа точно. За да го решиме овој притисок, креиравме нов дигитален портал преку кој секој граѓанин од својот мобилен телефон ќе може точно да види колкава е реалната листа за чекање кај конкретен доктор во одредена институција“, објасни министерот.
Апсурдот на хаотичниот систем: Починати лица со години водат како пациенти кои чекаат ред
Процесот на дигитализација и отворањето на овој нов софтверски модул извадил на површина фрапантни индикатори за хаосот со кој со години се менаџирале листите во болниците.
„Најдовме дека во системот со месеци и години стојат пациенти во листите на чекање. Подеталната анализа покажа дека голем дел од нив во меѓувреме нашле начин, се оперирале во приватното здравство, денес се веќе здрави и си одат на работа, а во државниот систем сè уште се водат како луѓе кои чекаат операција. Но, уште пострашен е вториот момент – на листите за чекање сè уште ни стојат лица кои веќе со години се починати и не се меѓу живите“, алармираше Алиу.
Чистењето на овие фиктивни листи, според министерот, е бавен процес бидејќи административното бришење не е дозволено со закон. Поради тоа, медицинските тимови и лекарите мора да ги проверуваат податоците „пешки“, односно еден по еден за секој пациент, сè додека листите не бидат целосно ажурирани и реални.
Реформа со нула денари трошок за буџетот
Министерот Алиу потенцираше дека ова ново решение и надградбата на електронскиот систем не ја чинеле државата ништо, туку се производ на домашните капацитети.
„Оваа реформа ја правиме со нула денари. Не вложивме дополнителни средства, туку нашите ИТ-инженери го изработија овој нов модул во рамките на постоечкиот електронски систем. Сега граѓаните можат да ја одберат институцијата и лекарот и да дојдат до реална информација. Сè уште имаме предизвици со навременото ажурирање на податоците од страна на вработените во болниците. Некои велат дека не се доволно обучени, иако се работи за обука од само пет минути. Секоја трансформација бара енергија и време, но сигурни сме дека на крајот листите за чекање ќе бидат реални и во нив повеќе нема да има починати граѓани или пациенти на кои таа услуга веќе не им е потребна“, заклучи Алиу.