Македонија

Алиу во Рига: Со дигитализација и телемедицина го намалуваме административниот товар за лекарите

Алиу во Рига: Со дигитализација и телемедицина го намалуваме административниот товар за лекарите

Министерот за здравство, Азир Алиу, учествува на дводневниот состанок на високо ниво на Иницијативата за мали земји на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, што се одржува во Рига. Годинашниот самит е посветен на еден од најголемите предизвици во Европа – како малите земји, во услови на ограничени ресурси, миграција на кадар и стареење на населението, да создадат одржлива здравствена работна сила.

Во своето обраќање, министерот Алиу потенцираше дека малите држави имаат предност што можат побрзо да реагираат и да воведуваат промени:

„Малите земји не секогаш имаат најголеми ресурси, но можат да имаат најбрза адаптација, најдобра координација и најсилна политичка волја за промени. Нашата цел е да изградиме систем кој го намалува административниот товар и им овозможува на лекарите повеќе време за пациентите.“

Дигиталното здравство 2026–2030 како двигател на реформите

За време на сесијата посветена на оптимизација на здравствената работна сила, Алиу ја претстави Националната стратегија за дигитално здравство 2026–2030. Тој нагласи дека дигитализацијата не е само техничка модернизација, туку алатка за подобра организација на патот на пациентот низ системот.

„Кога податоците го следат пациентот, лекарот има поцелосна слика, пациентот добива побрза услуга, а системот станува поодговорен“, истакна министерот.

Клучни чекори и иновации во домашното здравство

Во рамки на стратегијата, Министерството за здравство веќе презема конкретни мерки за модернизација, меѓу кои се издвојуваат:

  • Дигитализирани патеки на лекување: Побрзо упатување, приоритетна тријажа и поврзување на примарното, секундарното и терциерната здравствена заштита.
  • Пилот-проект за теледерматологија: Дигитално приближување на специјалистичките услуги до пациентите од руралните и оддалечените средини.
  • Правна рамка и регистри: Нов Закон за евиденциите во здравството, усогласен со Европскиот простор за здравствени податоци, како и целосно унапредување на националниот регистар на здравствени работници.

Состанокот во Рига служи како платформа за размена на добри пракси меѓу европските земји кои се соочуваат со слични демографски и кадровски предизвици во здравствениот сектор.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни