Министерот за здравство, Азир Алиу, во гостувањето во „Ноќно студио“ на „4ТВ“ говореше за најавената реконструкција на Владата и за тоа дали процесот ќе го опфати и неговиот ресор. Со мандат од точно една година и една недела на оваа позиција, Алиу истакна дека политичките функции се менливи и дека одлуките во овој сектор не смеат да се носат врз основа на емоции.
Министерот потенцираше дека фокусот на неговата работа никогаш не бил насочен кон тоа колку долго ќе остане на функцијата, туку какви резултати ќе постигне додека управува со министерството.
„Здравството е исклучително сензитивен сектор. Секојдневно се соочуваме со разни, честопати тажни приказни, но и со лажни вести од различни, вклучително и политички причини. Од првиот ден размислувам на ист начин – не треба да се грижам колку долго ќе бидам министер, туку што ќе направам додека сум на оваа позиција. Функциите се менливи. Мојот пристап е да решам барем еден проблем повеќе во денот“, изјави Алиу.
Тој додаде дека Министерството за здравство е огромна институција со комплексна инфраструктура и човечки капацитети, каде што секој пациент заслужува внимание, без разлика дали се работи за големи и видливи системски проблеми или за помали, секојдневни предизвици.
Говорејќи за актуелните политички случувања и владината реконструкција, Алиу објасни дека тоа е институционално прашање кое зависи од поширокиот политички наратив, а не од желбата на поединечни министри.
„Реконструкцијата е политички процес чија цел е подобрување на политичката клима во државата. Во тој контекст се оценуваат капацитетите на министерот, на институцијата и промените што се прават. Од таа гледна точка, јас сум задоволен од она што го постигнавме во овој период од една година и една недела“, нагласи министерот.
Главната цел на неговиот мандат, како што посочи, е воспоставување на долгорочен систем кој ќе продолжи да функционира независно од тоа кој раководи со ресорот.
„Ако го задржам мандатот и ја имам честа да ја водам институцијата, ќе продолжам со истиот ентузијазам и енергија. Ако не, верувам дека воспоставивме систем кој тој што ќе дојде по мене нема да може да го врати назад. Нормално е секој нов министер да дојде со свои приоритети, но клучните столбови на институцијата сега се поставени и тие не можат да се уназадат“, заклучи Алиу.