Американскиот републикански конгресмен Ренди Фајн (Флорида, 6-ти округ) го претстави Законот за анексија и државност на Гренланд, историски предлог-закон насочен кон зајакнување на стратешките национални безбедносни интереси на Соединетите Американски Држави на Арктикот и спротивставување на растечките закани кои доаѓаат од Кина и Русија.
Арктикот како ново боиште на глобалниот натпревар
Како што глобалната конкуренција на Арктикот се засилува, Соединетите Американски Држави, според зборовите на Фајн, „не можат да си дозволат да им дозволат на непријателските сили да стекнат влијание во еден од стратешки најважните региони во светот“.
„Гренланд е клучен безбедносен ресурс“
– Гренланд не е оддалечена станица која можеме да си дозволиме да ја игнорираме, тој е клучен национален безбедносен ресурс – изјави конгресменот Фајн.
– Кој и да го контролира Гренланд, ги контролира клучните арктички поморски рути и безбедносната архитектура која ги штити Соединетите Американски Држави. Америка не може да им ја препушти таа иднина на режимите кои ги презираат нашите вредности и настојуваат да ја загрозат нашата безбедност – рече тој.
Критика на претходната политика и порака до ривалите
Американскиот претседател Доналд Трамп и државниот секретар Марко Рубио, како што се наведува, јасно ставиле до знаење дека Арктикот брзо станува главно боиште на глобалниот натпревар меѓи големите сили.
Во текстот се истакнува дека американските противници во моментов се во дефанзива, со тврдење дека неодамна е отстранет еден од нивните клучни сојузници – Николас Мадуро во Венецуела.
Истовремено, Кина и Русија агресивно го шират своето присуство во регионот, додека, според Фајн, „годините на слаби политики за време на администрацијата на Џо Бајден доведоа до слабеење на американската стратешка позиција. Обновата на американската сила бара одлучни потези“.
Овластувања за анексија и пат кон државност
Законот за анексија и државност на Гренланд му дава овластување на претседателот да ги преземе сите неопходни чекори со цел Гренланд да биде анектиран или стекнат како територија на Соединетите Американски Држави.
Исто така, законот налага изработка и доставување до Конгресот на детален извештај за измените во сојузното законодавство кои би биле потребни за Гренланд во иднина да стане официјална сојузна држава на САД.
„Америка мора да ги поставува правилата“
– Предолго американското раководство стоеше настрана додека нашите противници ја поткопуваа нашата геополитичка доминација – продолжи Фајн.
– Мојот закон ќе ја заштити нашата татковина, ќе ја обезбеди нашата економска иднина и ќе осигура дека Америка, а не Кина или Русија, ги поставува правилата на Арктикот. Тоа е вистинското лице на американското лидерство и сила – заклучи тој.
Гренланд е дел од Кралството Данска
Гренланд е во составот на Кралството Данска. До 1953 година беше данска колонија, но во 2009 година доби автономија со право на самоуправа и самостојно уредување на внатрешната политика.