Американскиот сенатор Тами Дакворт изрази поддршка за островот за време на денешната посета на Тајван поради зголемените закани од Кина, пренесе Асошиетед прес.
Дакворт се состана со тајванскиот претседател Цаи Јингвен и ги истакна блиските економски, политички и безбедносни односи меѓу Тајпеј и Вашингтон.
Кина, која го смета Тајван за своја територија, вчера испрати 30 воени авиони во воздушниот простор во близина на островот. Тајванското Министерство за одбрана соопшти дека одговорило со испраќање борбени авиони, воведување на системи за противвоздушна одбрана и издавање радио предупредувања.
Дакворт му рекол на Цаи дека сака „да ја нагласи (американската) поддршка за тајванската безбедност“.
„Навистина сакам да кажам дека не се работи само за војската, туку и за економијата“, рече таа.
Сенаторката, исто така, изрази силна поддршка и од републиканците и од демократите во Соединетите држави за нацрт-законот што таа го предложи за унапредување на соработката меѓу тајванската војска и Националната гарда на САД.
Цаи им се заблагодари на американската влада и Конгресот за „значењето што им го придаваат на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец“. Таа, исто така, се заблагодари на самата Дакворт за „внимателно следење на безбедносните прашања на Тајван“.
