Амнестија за 27 април, вторник последниот ден за поднесување барање за амнестија

До вторник обвинетите за настаните во Собранието од 27 април минатата година можат да доставуваат барања за амнестија до скопскиот Кривичен суд. Тие од петокот почнале да ги доставуваат барањата до Кривичниот суд. Барањата обвинетите можат да ги доставуваат до Судот лично и по пошта. По истекот на рокот за поднесување на барањата, Судот и Обвинителството ќе имаат рок од пет дена за да одговорат кој ќе биде амнестиран, а кој не. Законот за амнестија во четвртокот беше објавен во Службен весник на Република Македонија, откако на него беше ставен потпис од претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов.

Mакедонското Собрание на 18-ти овој месец по скратена постапка со 95 гласа „за”, без против и воздржани го донесе Законот за амнестија за настаните во Собранието од 27 април минатата година. Согласно Законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекорите службените овластувања.

Се вчитува...

Извор: ТВ21