Децата сè потешко ја разликуваат виртуелната од реалната средина, а насилните содржини на кои се изложени преку интернет можат да влијаат врз нивното секојдневно однесување. Особено загрижувачко е што при насилство меѓу врсници, дел од децата наместо да помогнат, ги снимаат инцидентите и ги објавуваат на социјалните мрежи.
На ова предупреди јавната обвинителка Спасенка Андонова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Според неа, децата честопати ги пренесуваат моделите на однесување од дигиталниот свет во реалноста, без целосно да ги согледаат последиците што нивните постапки можат да ги предизвикаат кај другите.
„Многу од анализите покажуваат дека децата многу тешко ја прават разликата меѓу дигиталниот и реалниот свет. Она што се случува во дигиталниот свет многу лесно го пренесуваат во реалниот“, истакна Андонова.
Таа нагласи дека особено загрижува недостатокот на емпатија кај младите, дури и во ситуации кога нивни врсници се изложени на физичко насилство.
„Најжалосно е што таквите насилни акти што се случуваат во училиштата, во дворовите и надвор, не предизвикуваат чувство на емпатија кај останатите другари. Наместо да го спречат насилството, децата го снимаат“, посочи обвинителката.
Според Андонова, со снимањето и понатамошното споделување на ваквите содржини на интернет, децата дополнително придонесуваат за ширење на насилството и понижувањето на жртвите.
Таа предупреди дека дигиталниот простор носи ризици кои родителите не можат секогаш целосно да ги контролираат.
„Физичкиот простор, детската соба и домот, не се гаранција дека детето е безбедно, бидејќи постои интернет-простор во кој многу лесно може да биде вовлечено во различни ситуации“, објасни Андонова.
Обвинителката смета дека е неопходна поголема едукација во училиштата, но и кај родителите, особено во делот на препознавањето на опасните интернет-содржини.
Таа предупреди дека ако децата уште од најрана возраст го прифаќаат насилството како нормален модел на однесување, постои ризик таквите навики да продолжат и во подоцнежните години од животот.