Испитувањата на водата во Гостивар се завршени, а резултатите од анализите ќе бидат доставени до Основното јавно обвинителство, информираше директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска.
Таа посочи дека по барање на ИЈЗ биле земени примероци од четири различни места, а постапката била спроведена во најкус можен рок.
„Од ИЈЗ беше побарано од четири места да се земат примероци на вода. Постапено е најбрзо што може, денеска ги имаме комплетните анализи и во текот на денот ќе бидат предадени на Обвинителство. Се прават епидемиолошки проценки и се следи состојбата“, изјави Андоновска.
Таа објасни дека прогласувањето епидемија следува кога ќе се забележи зголемен број заболени, што бара поголема координација меѓу институциите и заедничко преземање мерки.
„Прогласување епидемија е кога ќе се забележи зголемување на бројката на заболувања. Тоа значи дека сите институции треба да бидат повеќе координирани, да имаат поголема комуникација и да се размислува за давање препораки. Ние и пред прогласувањето на епидемијата ги направивме сите активности што треба да се направат“, додаде директорката на ИЈЗ.
Андоновска нагласи дека контролите продолжуваат и дека состојбата во Гостивар останува под мониторинг.
„Апелираме Основното јавно обвинителство да ги собере сите информации и да се утврди одговорноста. Сочувствуваме со граѓаните на Гостивар“, порача таа.