Безбедноста на децата во дигиталниот простор бара јасен, системски и одговорен пристап, порача министерот Андоновски, истакнувајќи дека решението не може да се гледа само во забрана на користење на социјални мрежи, туку и преку едукација на младите во дигиталниот свет.
„Денес разговараме за едно од најважните прашања за нашето општество — безбедноста на децата во дигиталниот простор. Ова не е тема што може да се реши со изолирани активности, туку бара системски пристап, јасни правила и одговорност од сите засегнати страни“, истакна министерот Андоновски.
Тој посочи дека преку Центарот за побезбеден интернет – МКСафеНет веќе се гради структуриран пристап кон безбедноста на младите во онлајн просторот, овој центар претставува систем на поддршка за децата, родителите, наставниците и училиштата.
Во рамки на Центарот за побезбеден интернет развиени се повеќе конкретни алатки и ресурси, меѓу кои водич за родителска контрола, водич за е-безбедност во училиштата, едукативни материјали за наставници, како и практични упатства за користење решенија за родителска контрола и безбедносни поставки.
„MKSafeNet е значаен чекор напред. Преку оваа иницијатива обезбедуваме практични ресурси за родителите, наставниците и училиштата, но и поставуваме основа за подолгорочен систем за дигитална безбедност на децата“, нагласи Андоновски.
Министерот додаде дека се работи и на обуки за наставници и родители, ресурси прилагодени според возраста на децата, советодавни механизми за поддршка, како и на воспоставување национален центар за безбеден интернет.
Според него, едукацијата е неопходна, но мора да биде надополнета со јасни правила во училиштата, особено во делот на користењето мобилни телефони за време на наставата.
„Искуството покажува дека едукацијата сама по себе не е доволна. Таа мора да биде надополнета со јасни, унифицирани и применливи правила во училиштата. Целта не е забрана заради забрана, туку создавање услови за фокус, ред и заштита на учениците“, порача министерот.
Во обраќањето беше отворено и прашањето за видео надзор во училиштата како можен безбедносен механизам, при што министерот истакна дека секое такво решение мора да биде внимателно дизајнирано и целосно усогласено со правилата за заштита на личните податоци.
„Доколку се разгледува воведување видео надзор, тоа мора да биде строго регулирано, ограничено на заеднички простории, без снимање во училници и целосно усогласено со европските стандарди за приватност. Фокусот мора да биде превенција и безбедност, а не нарушување на приватноста“, рече Андоновски.
Министерот нагласи дека клучен е комбиниран пристап кој ќе ги обедини едукацијата, јасните правила за користење технологија и внимателно дизајнираните безбедносни механизми.
„Нашата цел е јасна: училишта во кои децата ќе учат, ќе се развиваат и ќе се чувствуваат безбедно — и во дигиталниот и во физичкиот простор. Оваа дебата треба да резултира со конкретни мерки што ќе донесат поголема заштита за учениците и поголема сигурност за родителите“, заклучи министерот Андоновски.
