Македонија

Андоновски: Македонија гради „дигитален автопат“ меѓу институциите

Андоновски: Македонија гради „дигитален автопат“ меѓу институциите

Министерот за дигитална трансформација, во гостување во емисијата Ноќно студио на 4ТВ, истакна дека државата активно работи на централизирано и безбедно поврзување на институциите преку платформата за интероперабилност, со цел побрза размена на податоци и поефикасни административни процеси.

Тој објасни дека идејата е различните институции да комуницираат меѓусебно без потреба од хартиена документација и долги процедури. Како пример го посочи процесирањето на сообраќајните прекршоци, каде податоците би се разменувале помеѓу полицијата, УЈП, судовите и обвинителството преку синхронизиран дигитален систем.

„Да не оди сè на хартија, па да има доцнење во обработката на тие податоци“, нагласи Андоновски.

Министерот посочи дека платформата за интероперабилност е еден од најиновативните дигитални системи во државата и додаде дека сличен модел користи и, од каде Македонија го презела концептот пред околу 15 години.

Според него, за разлика од некои европски земји кои користат централизирани „Data Lake“ системи, македонскиот модел функционира како „дигитален автопат“ на кој секоја институција може да се приклучи и безбедно да споделува податоци без целосно да ги отстапува своите бази.

„Секоја институција може да постави веб-сервис преку кој другите институции ќе пристапуваат само до податоците што законски смеат да ги користат“, рече Андоновски, додавајќи дека комуникацијата е целосно енкриптирана и заштитена.

Тој информираше дека при неговото доаѓање на функцијата, на платформата биле поврзани околу 35 институции, додека денес бројката достигнала 90 институции. Во тек е и процес на приклучување на општините, кои преку системот ќе можат да добиваат податоци за жителите, катастарските парцели и имотите, со цел полесна пресметка на данок на имот и комунални услуги.

Андоновски откри дека на платформата веќе се приклучуваат и приватни компании, особено од осигурителниот сектор, финтек индустријата и телекомуникациските оператори.

Како пример, тој наведе дека при купување SIM-картичка, операторите повеќе не ги внесуваат рачно сите лични податоци, туку преку матичниот број автоматски ги повлекуваат потребните информации од системот.

„Ова е модел што го подобривме, го олеснивме и го направивме подостапен за институциите“, истакна министерот, додавајќи дека главната цел е што повеќе државни институции да се приклучат на платформата за интероперабилност.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни