Македонија

Андоновски: Наскоро стартува државна „суперапликација“ со дигитална лична карта и возачка дозвола

Андоновски: Наскоро стартува државна „суперапликација“ со дигитална лична карта и возачка дозвола

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ најави дека државата е во завршна фаза на развој на нова мобилна „суперапликација“, преку која граѓаните ќе можат да користат дигитални лични документи и електронски услуги.

Тој објасни дека апликацијата нема да биде ограничена само на електронска лична карта и возачка дозвола, туку ќе претставува централизирана платформа за повеќе државни услуги и документи.

„Сметаме дека сме мала држава за секоја институција да развива посебна апликација, па затоа работиме на една суперапликација“, изјави Андоновски за 4ТВ.

Според него, во горниот дел од апликацијата ќе бидат сместени дигиталните документи, како лична карта, возачка дозвола, дипломи, изводи и други трајни документи, додека во долниот дел ќе се наоѓаат електронските услуги за граѓаните.

Министерот посочи дека техничкиот развој на апликацијата е веќе завршен и дека моментално се спроведуваат последни тестирања. Како еден од предизвиците ги наведе различните податоци што ги содржат базите на Министерството за внатрешни работи и Централниот регистар на население.

„Работиме со МВР на усогласување на податоците за да нема несовпаѓања кај личните информации“, рече Андоновски.

Тој додаде дека во апликацијата ќе бидат вградени и безбедносни механизми, меѓу кои биометриска идентификација и систем за електронско плаќање услуги.

Андоновски најави дека дигиталниот паричник веќе е предвиден во Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, во согласност со европските директиви и идното поврзување со Европскиот дигитален паричник.

„Ова е трендот во Европа и наша обврска е до 2027 година да бидеме подготвени за интеграција со Европскиот дигитален паричник“, истакна министерот.

Тој објасни дека идејата е граѓаните постепено да почнат да ја користат апликацијата, а системот со текот на времето да се надградува според европските стандарди, вклучително и можности за дигитално потпишување документи и склучување договори.

Министерот посочи дека во иднина е можно дополнително дигитализирање и на процесите за издавање лични документи, со полуавтоматски системи за фотографирање во сервисни центри, но нагласи дека државата нема да брза со целосна автоматизација.

„Поважно е граѓаните да ги почувствуваат придобивките отколку ние да бидеме најмодерни во процесот“, порача Андоновски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни