Со брза и пожртвувана интервенција на битолските пожарникари и локалното население, попладнево е спречена голема катастрофа во селото Лознани, Битолско. Сепак, состојбата на теренот останува сериозна бидејќи огнот се шири преку ридот и се заканува да загрози друго населено место, информираше директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Пожарот, чија линија се протега со километри, се движи од другата страна на ридот, каде што веќе се прераспределени противпожарните екипи.
„Пред малку селото Лознани беше во голема опасност. Благодарение на пожарникарите од Битола и неколку локални мештани, катастрофата е спречена, но опасноста продолжува. Огнот се спушта од другата страна на ридот, каде што дејствува друг тим. Сепак, постои опасност од задната страна да биде загрозено друго село“, изјави Ангелов од терен.
Поради големиот опфат на огнот и тешкиот терен, ДЗС ги активираше и дополнителните капацитети за справување со кризи.
Во загрозеното подрачје веќе пристигнаа четири специјални возила „Пинцгауер“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), кои веднаш се упатуваат кон следната критична точка, а на пат се и тимовите за брз одговор.
Ангелов изрази голема благодарност до битолските пожарникари и мештаните за нивната брза реакција и истакна дека се преземаат сите мерки линијата на пожарот да се пресече пред да стигне до новите куќи.