Пожарот кој вчера попладне избувна во непосредна близина на селото Чаниште денес се движи во правец на селото Крушевица, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
„Моментално е некаде на средина од растојанието меѓу овие две села. Огнената линија е многу долга. Овде на лице место се обидуваме да го прекинеме овој крак и тоа засега успешно оди, со помош на дувалки и прскалки. Помага и локалното население“, изјави Ангелов.
На терен е и доброволниот тим на Дирекцијата за заштита и спасување од Виница, а ангажирани се и доброволци од Кочани и Битола.
„Целта е да спасиме колку што можеме повеќе вегетација. Тешко е овој пожар да биде изгаснат брзо“, посочи Ангелов.
Според него, борбата со огнената стихија ќе продолжи и утре наутро, кога повторно ќе бидат ангажирани „ер трактори“, како и полициски хеликоптер.
На терен во моментов се наоѓаат три пинцгауери на Дирекцијата, пожарникари од Прилеп и околу 30 доброволци распоредени преку тимовите на Дирекцијата.
„Сите заедно се обидуваме барем да го намалиме пожарот и да воспоставиме каква-таква контрола“, рече Ангелов.