Антикорупциска донесе одлука за поднесување иницијатива до премиерот Заев за отворање постапка за утврдување одговорност против вицепремиерот Кочо Анѓушев при носењето на владината одлука за намалување на царинските стапки за литиум јонските батерии за акумулатори. Претседателката на Комисијата Билјана Ивановска рече дека по добиената документација и разговорот што го имале со Анѓушев, овој предмет има две фази и тоа во првата кога фирмата „Брако“ на почетокот на септември 2017 година поднела барање до Стопанската комора да се намали или укине акцизата. За оваа фаза Анѓушев барал да биде изземен од расправата и целата постапка. Меѓутоа во втората фаза кога е примено писмо за интерес за странска инвестиција проследена до повеќе институции што произлегува од остварена средба на Анѓушев со полската фирма Полмод која би ги извезувала овие батерии, има негово директно влијание.
„Понатаму на 6 ноември Министерството за економија изготвува нова предлог одлука врз основа на писмото од странските инвеститори и ја доставува на мислење до сите надлежни институции. Меѓу надлежните институции е и кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев и кое што дава позитивно мислење дека нема забелешки од аспект на економски политики. Ова мислење е потпишано од вицепремиерот“, рече Ивановска.
Ивановска натаму вели дека и покрај тоа што Министерството за финансии доставило негативно мислење, на владината седница одржана на 7 ноември 2017 година била разгледувана предлог одлуката на која присуствувал и Анѓушев и давал свои предлози како да се усвои одлуката.
„Предлагам да се достави иницијатива до претседателот на Владата на Република Северна Македонија за поведување постапка за утврдување одговорност бидејќи учествувал во расправа на тело во кое се одлучува за работа за која тој има приватен интерес“, вели Ивановска.
По донесувањето на одлуката на Антикорупциска со реакција се јавија и од кабинетот на Анѓушев од каде велат дека не се прекршени законските прописи и дека не е позната причините поради кои Антикорупциска донела ваква одлука.
„Во конкретниот случај за намалување на царинските стапки за литиум јонските батерии за акумулатори уште еднаш потврдувам дека во предметот имам доставено изјава со која се изземам од постапување и одлучување“, велат од Кабинетот на Анѓушев.
Инаку, Владата во соопштение од одржаната седница на 7 ноември 2017 година наведе дека донела одлука за укинување на царинската стапка за електрични литиум јонски батерии за акумулатори. На седницата беше појаснето дека од царинската давачка за овие акумулатори ќе бидат ослободени само производителите на машини и други производи што користат вакви батерии, но не и трговците со вакви производи, беше наведено во владиното соопштение.