Македонија

Антовска: Водата во Гостивар е без фекалии, но сè уште не е за пиење

Антовска: Водата во Гостивар е без фекалии, но сè уште не е за пиење

Жителите на Гостивар можат повторно да ја користат водата од градскиот водовод за дел од секојдневните потреби, но забраната за пиење и подготовка на храна останува во сила, информираа надлежните.

По повеќекратните анализи и подобрувањето на состојбата, водата е одобрена за техничка употреба, што подразбира користење за лична хигиена, бањање, миење садови, чаши, прибор за јадење и други санитарни потреби.

Експертот од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, Емилија Антовска, посочи дека последните мерења покажале отсуство на штетни бактерии во земените примероци.

„Бевме на терен секојдневно, екипите земаа примероци од шест локации во градот од краен потрошувач. Кај сите три дена последователно има отсуство на колиформни бактерии, а со оглед дека е вршено хлорирање со поголема концентрација од вообичаената, не се констатирани ниту трихалометани“, изјави Антовска.

Таа додаде дека резултатите се доставени до Кризниот штаб и Агенцијата за храна и ветеринарство, а направените анализи покажуваат дека водата може да се користи како техничка.

„Водата може да се користи како техничка, но за пиење и за подготовка на храна сè уште не. Во следните денови ќе го зголемиме бројот на мерни места, а со континуиран мониторинг ќе може да потврдиме кога ќе биде безбедна и за пиење“, рече Антовска.

Надлежните уверуваат дека водата е прочистена од фекалии, но посочуваат дека ќе продолжи секојдневното следење на квалитетот сè до добивање целосно зелено светло за употреба и за пиење.

Во изминатиот период, поради забраната за користење на водата, дел од угостителските објекти во Гостивар користеа пластични чаши, прибор и садови за еднократна употреба како дополнителна мерка за заштита на гостите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни