Апелација му ја скрати казната на судијата Наќе Георгиев: Ќе излезе на слобода во јули наместо во септември

Осуденикот Н.Ѓ., кој издржува казна затвор во траење од три години, ќе биде предвреме пуштен на слобода откако Апелационен суд Скопје ја уважи неговата жалба и донесе одлука за порано завршување на казната.

Првично, Основен кривичен суд Скопје донел решение со кое му се одобрува условен отпуст на 20 септември 2026 година, односно осум месеци пред истекот на казната, по претходно поднесено барање и исполнување на законските услови.

Сепак, по поднесената жалба, Апелациониот суд ја преиначил одлуката и утврдил осуденикот да биде пуштен на слобода уште на 20 јули годинава.

Согласно законските одредби, условниот отпуст ќе трае до истекот на првично определената казна, односно до 20 мај 2027 година.

Од статистиката на Основниот кривичен суд Скопје за 2026 година произлегува дека во одделот за кривично полнолетни се поднесени 69 барања за условен отпуст, од кои 43 се прифатени, додека дел од барањата биле повлечени од самите осудени лица.

Во Одделот за организиран криминал и корупција, пак, поднесени се 76 барања, од кои 40 се уважени.