Утре претпладне во Основниот кривичен суд Скопје треба да започне судскиот процес против поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и уште седум лица, обвинети за злоупотреби во „Државна лотарија“.
Почетокот на судењето е закажан во 10 часот, а предметот ќе го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.
Кривичен за стартот на судењето информираше истиот ден, 13 август, кога и Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека против експрвиот вицепремиер и останатите осомничени е покренато обвинение.
Инаку, кога кон крајот на 2024 година се отвори истражна постапка, Обвинителството соопшти дека ексвицепремиерот Артан Груби, иако знаел дека барањето за набавка на ВЛТ-терминали е противзаконско, оти Лотарија не може самостојно да приредува електронски игри на среќа, во својство на вицепремиер претседавал со седница на Владата во својство на Собрание на акционерското друштво и покрај тоа што бил свесен дека акционерското собрание нема надлежност да одлучува за конкретната зделка. На седницата била усвоена информацијата и „Државна лотарија“ била задолжена да ги преземе активностите за да започне самостојно да приредува електронски игри на среќа и да ги набави потребните видеолотариски терминали.